„Спроведувајќи ја идеологијата на здравиот разум како граѓанска платформа за промоција на иновативни идеи „Македонски концепт“ ја промовира граѓанската платформа „3С – програма 2020“ „Слобода, Спокој и солидарност“, истакна на прес конференција Калин Митрески од Македонски концепт.
Тој додаде дека политичките партии во моментов се натпреваруваат со објавување на бомби, кои според нив, создаваат нови проблеми во нашето општеството.
„Го прифаќаме предизвикот, ќе започнеме и ние со нашите бомби, а тоа се проекти кои се решенија за проблемите кои ги создаваат партиите. Првата програма од „3С програма 2020 година“, прв дел слобода е држава без етнички партии, Македонски концепт промовира нормална држава, а тоа е без етнички партии“, додаде Митрески.
Митрески додаде дека Македонски концепт, тргнувајќи од својата определба за граѓанска држава, промовира потреба од Уставни измени со повеќе амандмани, а еден од нив ќе биде амандман за забрана на постоење на етнички партии.
„Таа измена ќе биде пропратена со промени во изборниот законик во насока на создавање на една изборна единица, промени во законот за политички партии итн. Партиите ќе бидат обврзани да дејствуваат на целата територија на државата, а не на регионално на етнички принцип, а тоа ќе придонесе да изготвуваат програми и да испраќаат пораки на сите граѓани на државата“, додаде Митрески.
A. П.