Францускиот претседател Емануел Макрон не поддржува исклучување на Унгарија од Европската Унија, каде беше донесен закон со кој се ограничуваат правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата, пренесува Дојче Веле.
„Тоа е езгистенцијално прашање за Европејците и голема дебата. Не поддржувам користење на членот 50 (исклучување од ЕУ)“, рече Макрон на прес-конференција.
Повеќе извори од самитот на ЕУ јавуваат дека на состаноците имало остри дискусии и лични судири меѓу лидерите на земјите-членки во четвртокот вечер. Според информациите, 17 од 27 лидери на земји-членки на ЕУ, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел, потпишаа заедничко писмо со кое ја потврдуваат својата посветеност на заштитата на правата на хомосексуалците. На самитот му претходеше и остра реакција од Европската комисија кон Унгарија.
Орбан пред состанокот се бранеше дека законот не е насочен кон хомосексуалците, туку е замислен како заштита за правото на родителите да одлучуваат за сексуалното образование на нивните деца.
Единствената земја која застанала во поддршка на Орбан на самитот на ЕУ била Словенија.
Францускиот претседател Макрон денеска ги опиша конфликтите по ова прашање во ЕУ како „културолошка војна“, информираат од Дојче Веле.
„Мораме да откриеме како државите доаѓаат до оваа ситуација. Мораме да поведеме културолошка битка, битка на цивилизациите“, рече Макрон по самитот. Тој изрази загриженост поради растот на илибералниот конзервативизам кај некои земји членки со што се уништуваат вредностите на Унијата.
„Борбата против хомофобичните закони е одбрана на индивидуалните слободи и човечкото достоинство“, рече Макрон.