Францускиот претседател Емануел Макрон објави на „X“ дека Владимир Путин повторно го отфрлил предлогот на САД за безусловно примирје, кое го поддржаа Украина и европските земји. Макрон ја даде изјавата по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, во кој учествуваа и Зеленски, Стармер, Мерц и Туск, веднаш по денешните разговори во Истанбул.
-Со одбивањето на примирје и дијалог со Украина, Русија покажува дека не сака мир и само се обидува да купи време со продолжување на војната, рече Макрон.
Тој додаде дека Европа, САД и коалицијата на сојузници ќе продолжат да координираат заеднички одговор, пред самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи информира дека со францускиот претседател Макрон, германскиот канцелар Мерц и британскиот и полскиот премиер Стармер и Туск, кои се во Тирана, разговарале со американскиот претседател Доналд Трамп.
– Нашата позиција е – ако Русите одбијат целосен и безусловен прекин на огнот и крај на убивањата, мора да следат строги санкции. Притисокот врз Русија мора да се одржува додека Русија не биде подготвена да ја заврши војната, додаде Зеленски.
– Украина е подготвена да ги преземе најбрзите можни чекори за вистински мир и важно е светот да заземе цврсти позиции, истакна украинскиот лидер.