Одлуката е на мандатарот на кој кандидат ќе му ја даде довербата да биде идниот министер или министерка за одбрана, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која одговарајќи на новинарско прашање наведе дека според нејзините информации за тоа се уште не е одлучено.
Според неа, постои една црвена линија која не треба да се минува, а тоа е да се сугерира кои би биле следните кандидати што би можеле да дојдат на ова место.
– Ова е задача на мандатарот. Јас ги пренесов моите размислувања дека се работи навистина за чувствителен сектор, сектор во кој не важат само домашните правила за одговорност, туку важат и НАТО правилата на одговорност, одговори Шекеринска на новинарско прашање дали има некој профил на човек кој би требало да ја преземе оваа функција, дали имала консултации и од партијата дали побарале нејзино мислење кој треба да седне на ова министерскто место.
Новиот министер или министерка, кој и да е, рече таа, наследува систем што е сложен, но систем кој веќе има резултати.
Шекеринска потенцира дека во одбраната секој ден ја покажувате сликата дали сте држава на која може да се верува, држава која стои до кажаното, како што подвлече, дали сте партнери или сојузници чиј збор вреди.
-Тука нема дилеми и на мандатарот му е јасно дека ќе биде потребен таков кандидат, таков министер, кој нема само да ја познава областа, бидејќи тоа е област што е навистина поспецифична, туку ќе биде спремен од првиот ден да ги испорачува обврските што ги имаме како НАТО членка, но и што ги имаме пред своите граѓани, изјави министерката Шекеринска откако денеска изврши увид во градежните работи кои се извршуваат на објектот каде е сместен Секторот за воена безбедност и разузнавање во касарната „Гоце Делчев“.
Тоа е комплексен и голем систем, повеќе од осум илјади луѓе се тука, истакна таа, систем што долго време бил занемарен, но и систем што досегашната Влада, убедена сум и идната ќе покаже дека е значаен за државата, не само на збор, туку ина дело со соодветни буџети и политики.
Таа нагласи дека има правила што важат за секој ресор и до додаде дека до нив се придржувала во сите изминати години. -А тоа е дека одговорноста има име и презиме и секој од нас лично е многу одговорен за задачите што ги добива, истакна Шекеринска.
Таа наведе дека го завршува мандатот со добри вести и тоа прво дека буџетот продолжил да расте, секоја година за 0,2 процентни поени и дека релативно брзо има шанси да се донесе Законот за служба во Армијата
Министерката Шекеринска денеска изврши увид во објектот на Воената служба за разузнавање и безбедност, кој веќе два месеци се реконструира.
– Оваа реконструкција е важна како дел од генералните напори и планови на Министерството за одбрана за обновување на инфраструктурата којашто најчесто е постара и од 50 години. Меѓутоа, важна е уште од една причина, а тоа е дека со реконструкцијата воведуваме навистина уште повисоки правила за безбедност коишто ќе пружат целосна безбедност на нашите класифицирани информации. Се работи за објект којшто припаѓа и во којшто се складираат податоци, информации кои се многу често од класифицирана природа и многу е важно тие се да се чуваат во објекти кои имаат повисоки стандарди за безбедност, изјави Шекеринска.
Министерката посочи дека со овој проект, што е започнат пред повеќе од година и половина обезбедена е уште една целосно нова зграда во рамки на Министерството за одбрана, а ги исполнува и високите услови за безбедност на класифицираните информации, кои се домашни, но и НАТО-класифицирани информации, како и целосна безбедност на заштитената мрежа.
– Патем речено, токму Воената служба за безбедност и разузнавање е првата институција иако е во рамки на Министерството, која доби сертификат за целосно заштитена мрежа по сите стандарди и правила кои одат или се дел од ваквата класификација, додава таа.
Реконструкцијата на објектот се одвива во неколку фази, со цел да се користи зградата, но ќе биде целосно завршена во текот на следните неколку месеци.
– Ќе има обезбедено и дополнителни мерки за безбедност во зградата, но и надвор од зградата, посебен пристап во објектот и навистина многу подобри услови за квалитетна работа на нашата Воена служба за безбедност која е и еден од најчестите контакти за нашите НАТО-сојузници, појасни министерката Шекеринска.
Таа истакна дека реконструкцијата е дел од поголемиот план за реконструкција на старите објекти во Министерството и Армијата и додаде дека во тек се две реконструкции во касарната „Илинден“, во тек се реконструкции на два објекти каде што е сместена лесната пешадиска борбена група во Штип, во тек е голема реконструкција во Криволак, а започнува и реконструкција на објектите во Велес.
– На тој начин покажуваме дека подобрувањето на условите за работа во одбрана и во Армија не се само повисоките плати, не се само подобрите лични опреми или лична муниција – вооружување и сите други елементи коишто се дел од армиската формација, туку дека се тоа и подобри услови за работа, вели Шекеринска.
Министерката додаде дека во минатата година одвоени се рекордно ниво на средства за буџетот, и согласно Буџетот за 2022 година тој тренд може да продолжи и во следната година.