Поддршката на ЕУ за регионален развој на туризмот, заштитата на културното и природното богатство, се важни за развојот на локалните заедници и градењето добри меѓусоседски односи, објави на неговиот официјален фејсбук профил вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
-Проектот „Смарт-кул-тур“ има значаен придонес за прекуграничната соработка во регионот и за зголемувањето на квалитетот на туристичката понуда со поширокиот регионален опфат почнувајќи од Битола преку Преспа до Корча, реализиран во рамките на програмата за прекугранична соработка преку Северна Македонија – Албанија 2014-2020 година,посочува Маричиќ.
Во рамките на проектот, како што се наведува, поставени се лифт и метални пристапни рампи со кои се совладани архитектонските бариери во локалитетот Хераклеа. Со ова лицата со инвалидитет ќе можат да ги следат културните настани кои се одржуваат во Хераклеа, а и да го разгледаат локалитетот. Направени се и други инфраструктурни пристапни зафати, а целосно реконструиран е и таканаречениот Римски пат кој води до локалитетот, осовременет е музејскиот простор, а изработени се и на аудиоводичи на седум јазици. Вкупниот буџет на проектот изнесува 704,590 евра, а обезбедени се нови 800.000 евра за обнова на дворот во Пациото во музејот во Битола и обнова на објектот ‘Парк’.
-ИПА 3 програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, која годинава ќе биде во три региони во секоја од земјите-кориснички, Пелагонија, Полог и југозапад во Северна Македонија и Дебар, Елбасан и Корча во Албанија, ќе се финансира со околу 12 милиони евра. Ваквите проекти се двигатели и генератори на развојот на локалната заедница и регионот, а прекуграничната соработка поттикнувач на поголеми инвестиции или иницијативи, кои би придонеле за значајни промени во секојдневното живеење на граѓаните, стои во објавта на Фејбук профилот на Маричиќ.