Во моментот постои само предлог кој е потпишан од координатори од четирите најголеми партии, кој верувам дека по одморите ќе биде изгласан, а дотогаш веројатно ќе има промени, најави министерот за правда Бојан Маричиќ во костувањето на Канал5, воедно нагласувајќи дека Изборниот законик е комплициран и секогаш се носел со консензус.
Според Маричиќ, идејата е да се имплементираат сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР. „Овојпат транспарентноста одеше дотаму што Предлогот на Министерството за правда најинклузивно, иако не е обврска, беше консултиран и со малите партии без право на потпис, бидејќи секој има право да изнесе став“, потенцираше Маричиќ.
Тој смета дека институциите треба да почекаат да се изгласа финаланата верзија, а потоа да имаат постапки.
Маричиќ се осврна и на постапките на двајцата пратеници на Левица, и рече дека не е добра праксата да го блокираат целото Собрание, особено Изборниот законик, кој е потребен за спроведување на локалните избори.
„Тоа е на штета на процесот, консултациите траат неколку месеци, кога ќе има законски текст ќе биде предложен до Собранието, а потоа може и да реагираат институциите, доколку не е во согласност со сите препораки. За овој закон, праксата е политичките партии, кои имаат претставници во Изборната комисија, да го поднесат до Собранието, ретко се случувало Владата да поднесува закон кој се однесува на изборите, иако би било легитимно да има европско знаменце. Но, според мене подемократска постапка е да биде донесен од пратениците, а во интерес е на граѓаните и изборниот процес за да имаме избори на есен“, нагласи министерот за правда Маричиќ.