Ниту една слабост нема да остане незабележана за време на скринингот, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на ТВ21.
Според него, целта на скринингот е од фаза на известување за напредокот, да се навлезе во фаза на листа на задачи и рокови за тие задачи со цел зачленување во Европската унија.
Тој додаде дека претстои процес на реформи од кој корист ќе имаат граѓаните.
-Системот за вработување во јавна администрација е на пример долгорочна борба. Треба да изградиме таков систем што ќе овозможи да влегуваат најдобрите, без разлика на партиска припадност, рече Маричиќ.
Тој кажа дека после долго време е променета атмосферата во Брисел во однос на процесот на проширување.
-После нападот на Русија врз Украина се враќа на маса геостратешкиот момент. Сфаќаат дека е неопходно да се направи план за интегрирањето на земјите од Западен Балкан, истакна Маричиќ.
Според вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ посетата на германскиот
претседател Франк-Валтер Штајнмајер е одличен сигнал за заинтересираноста на Германија за
овој регион и Северна Македонија.
Тој во гостување на ТВ21 рече дека Штајнмајер донел одлични пораки, односно дека Германија стои цврсто зад нашите амбиции за брзи преговори.
-Од Штајнмајер имавме големо признание за прифаќањето на францускиот предлог, како и
охрабрување за уставните измени, со зачувани идентитет и јазик, но и поддршка за
реформите, рече Маричиќ.
Во однос на преговорите Маричиќ информира дека скрининг процесот започнал од средината
на септември и се завршени три кластера, а сега од средината на ноември е започнат
потешкиот дел, а тоа е билатералниот скрининг.
-Нашите луѓе во Брисел се подготвени и презентираат детално. Оттаму ни кажаа дека во делот
на јавните набавки имаме дигитализација подобра и од некои земји-членки на Унијата, рече
Маричиќ.
Секако, додаде вицепремиерот, остануваат реформите во јавната администрацијата, како и
алатките за борба против корупцијата и организираниот криминал.