Консултациите и состаноците и со коалициските партнери и на ниво на СДСМ се во тек. Денеска има серија на средби, очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план затоа што е тоа важно и за граѓаните и за државата, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање за оставката на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
Запрашан да ја искоментира заканата што ја упати генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, дека оваа партија може да излезе од мнозинството и да ја урне Владата, Маричиќ одговори дека преку состаноци ќе се решат сите дилеми и нема да има никакви последици по парламентарното мнозинство.
Во врска со информациите дека СДСМ планира следната недела да го објави името на новиот мандатар, но и дека коалицискиот партнер ДУИ смета дека прво треба да се избере нов лидер на СДСМ, а дури потоа да се оди со мандатар, како и тоа дали се работи за нарушување на коалицијата со ДУИ, Маричиќ потенцира дека во моментот, приоритет е зачувување на парламентарното мнозинство и дека тоа е волја на сите коалициски партнери.
„Нас ни е приоритет да се зачува парламентарното мнозинство бидејќи тоа е и волја на сите коалициони партнери и секако, да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира Владата во овој момент, бидејќи има расположение, има одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент“, рече Марчиќ.
Во врска шпекулациите дека тој е во игра за следен мандатар , Маричиќ изјави дека „Тоа е шпекулација, ниту сум разговарал, ниту некој ме прашал, ова освен да го означам како шпекулација ништо друго не можам да кажам“.
Маричиќ информира дека досега имале неколку средби на повеќе нивоа, а денеска има сериозна серија на средби на кои се прави оценка и на одговорноста на централниот изборен штаб и на сите нивоа.
„Мислам дека после тоа кога ќе се договориме ќе има сигурно објава во смисла на тоа што понатаму“, рече Маричиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано и програмски директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот Билјана Брајтвејт.