Листата за групните новогодишни помилување според формални критериуми ја прават затворите. Минатата недела таа технички беше проследена до Кабинетот на претседателот на разгледување. Таа листа не е конечнa и не е на предлог на Министерството за правда, напиша на Фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за МИА потврдија дека Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување.
-Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките, велат од Кабинетот на Пендаровски.
На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда има 48 лица. Меѓу имињата, како што објавија дел од медиумите, се и бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово…
Дека е повлечен списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски, претходно на Фејсбук објави и заменик министерот за правда Агим Нухиу .
Министерот за правда, пак, денеска изјави дека тој не дава никакви помилувања и оти ниедно спорно име нема да се најде на листите.
Денеска, Алијансата за Албанците во знак на револт за иницијативата за помилувања го обоија со црвена боја Министерството за правда и побараа оставка од министерот за правда, заменик министерот и сите чинители кои ја преземале оваа иницијатива за помилување.