Министерот за правда на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, истакна дека ИПА-проектот за поддршка на реформите во правосудниот сектор направи чекор кон понатамошно зајакнување на независноста, ефикасноста и квалитетот на работата на судиите и обвинителите, како и зајакнување на капацитетите на сите засегнати страни во правосудството а чии корисници во изминатите две години беа Министерството за правда, судскиот совет, судскиот буџетски совет, Советот на јавни обвинители, Врховниот суд, Академијата за судии и јавни обвинители, ЈО и Советот на ИКТ.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, денеска со онлајн прес-конференција го презентираа проектот „Поддршка на процесот за реформа на правосудството“.
Министерот Маричиќ, истакнувајќи дека денеска се одбележува затворањето на ИПА-проектот за поддршка на реформите во правосудниот сектор, рече дека проектот директно придонесе за зајакнување на капацитетите на сите засегнати страни во правосудството.
„Ми претставува особено задоволство да се обратам на овој денешен настан со кој ја одбележуваме досегашната успешна имплементација, а воедно и затворањето на ИПА-проектот за поддршка на реформите во правосудниот сектор кој директно придонесе во спроведувањето на стратегијата за реформа на правосудниот сектор и направи чекор кон понатамошно зајакнување на независноста, ефикасноста и квалитетот на работата на судиите и обвинителите“, нагласи министерот Бојан Маричиќ.
Тој додаде дека проектот претставува мотив за Министерството за правда да продолжи да работи со засилено темпо и оваа година.
Потсетувајќи дека минатата година земјата ја добила новата методологија за пристапни преговори со Европската Унија, министерот Маричиќ рече дека таму јасно се дефинира важноста на поглавјето 23.: Правосудство и фундаментални права.
Маричиќ додаде дека работат и на измени на изборниот законик, спроведување на пописот итн…
Д.М.