Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, наведе Маричиќ по средбата.
Тој во објава на Фејсбук потенцира дека членството на земјава во ЕУ е на дофат и треба да го искористиме позитивниот политички моментум, бидејќи ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.
Новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија во оваа фаза од процесот на пристапување во ЕУ, ќе ги постави многу повисоко целите и насоките за подобрување на резултатите во сите области, додава Маричиќ во објавата.
На средбата Маричиќ потенцираше дека за Владата членството во ЕУ останува клучен надворешнополитички приоритет и дека се прават сите напори земјата да остане во процесот на преговори и да напредува со другите држави од регионот.
Инаку, Маричиќ, кој вчера допатува во Брисел за учество на дводневниот Форум „Глобална порта“, што денеска и утре се одржува во организација на Европската комисија, во текот на вчерашниот ден имаше средби и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.
На средбата со Маковец е нагласено дека членството во ЕУ мора да остане клучен надворешнополитички приоритет на земјата.
Државите од Западен Балкан остануваат во фокусот на европската надворешнополитичка агенда. ЕУ го цени напредокот на Северна Македонија и очекува да продолжи со преговорите со целосна посветеност на реформите, особено на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Целосно сме усогласени со надворешната безбедносна политика на ЕУ, што е потврда за нашата посветеност на европскиот пат, која сега треба да ја валоризираме, наведе Маричиќ во објава на Фејсбук по средбата.
На разговорот со Морду, пак, е посочено дека политиката на проширување добива ново темпо, а 2030 година како индикативен датум за интеграција на регионот во ЕУ е значаен чекор кој се случува две децении по ветувањето дадено на Самитот во Солун.
Повикот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел охрабрува да останеме посветени на европската агенда и со паралелни реформи дома и во ЕУ, поставената цел за идно проширување до 2030 година заеднички да ја направиме достижна и остварлива, додавајќи дека на средбата станало збор за клучните прашања поврзани со преговарачкиот процес и идните активности на ЕУ, објави Маричиќ.
Инаку, покрај учеството на Форум „Глобална порта“, предвидено е Маричиќ да се сретне и со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман.