Социјалната свест за здравјето на планетата Земја треба да биде наш закон и обврска, а не само еден ден во годината, напиша на Фејсбук заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, по повод „Денот на планетата Земја.“
Одбележувањето на „Денот на планетата Земја“ алармира дека инвестицијата во чиста животна средина мора да продолжи со уште поголем интензитет, бидејќи штетите од климатските промени стануваат се поголеми и поопасни.
Спроведени се многу проекти и активности во рамки на Поглавјето 27 (Кластер 4), од ИПА програмата, чии крајни корисници се секогаш граѓаните, на кои им се овозможува европските стандарди да станат дел од нивното секојдневие.
Со усвојувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, се согласија да бидат дел од овој план.
Зелената иднина е иднина на просперитет и сега е време да се искористи политичката волја за европските реформи, но и сите да се посветиме на нејзината суштина и прашањето како да постигнеме економски раст со зачувување на планетата Земја.
Во таа насока, новиот инструмент на ЕУ за претпристапна помош (ИПА III), е со вкупен буџет од над 14 милијарди евра за периодот од 2021-2027 година, најголем дел планиран на проекти поврзани со Зелената агенда.
Процесот на зелена транзиција несомнено е напорен, долг, системски и исклучително скап, но ова е тема која ги надминува идеологиите и мора да биде предмет на интерес на сите чинители во општеството, од централното и локално ниво на власта, преку академската заедница до бизнис заедницата.
Ги имаме насоките за креирање и имплементација на политики на ниво на Европската унија, имаме политичка посветеност и на располагање алатки за финансирање кои ќе овозможат зелена транзиција на нашата земја, што мора максимално да се искористи од страна на секторските работни групи.
Здрава планета Земја значи здрава иднина. Затоа грижата за неа е во рацете на сите нас. Да ја сочуваме планетата Земја и да ја оставиме здрава за генерациите кои доаѓаат, напиша Маричиќ.
М.Д.