ЦИВИЛ – Центар за слобода упатува отворен повик до автори, новинари, истражувачи, активисти и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да придонесат со кратки авторски текстови или видеопораки за демократијата. Иницијативата се одвива по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември, под слоганот „Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија“.
Што значи денес да се брани демократијата? Кои гласови остануваат неслушнати? Како притисоците врз медиумите, институциите и граѓаните се одразуваат врз секојдневниот живот? И што може секој од нас да направи за послободно и поправедно општество?
Ова се дел од прашањата на кои учесниците можат да се осврнат, избирајќи сопствен пристап и тема.
Целта е да се отвори простор за лични размислувања, аргументи и конкретни искуства што ќе придонесат кон јавната дебата за состојбата и иднината на демократијата во Северна Македонија, регионот и пошироко.
Заинтересираните можат да испратат краток есеј или коментар од околу 250–500 зборови, или видеопорака во траење од 60–90 секунди, на македонски, албански или англиски јазик, најдоцна до 19 септември. Со прилогот треба да достават име и презиме и кратка биографска белешка (макс. 2 реда). Авторските текстови и видеопораките ќе бидат разгледани за објавување на медиумската платформа на ЦИВИЛ.


Иницијативата се надоврзува на соопштението на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, со повик за граѓанско учество, заштита на независното новинарство и одговорност на институциите. Таа е поврзана и со меѓународната кампања на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата и Вестминстерската алијанса за Украина за одбрана на демократијата и солидарност со Украина.
Придонесите се на доброволна основа; за нивното објавување не е предвиден авторски хонорар. Прилозите можете да се испраќаат на: info@civil.mk, со назнака „Гласови за демократијата“.
ЦИВИЛ на Меѓународниот ден на демократијата: Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија.












