Јавното претпријатие „Србијавоз“ денеска соопшти дека го прекинало сообраќајот на сите меѓуградски возови во Србија со цел „да се заштитат животите на патниците и екипажот на возовите“, јавуваат српските медиуми.
Како што наведуваат во соопштението објавено на веб-страницата во петокот рано наутро, оваа компанија добила повик со анонимна дојава дека во меѓуградските возови биле поставени експлозивни направи.
„Принудени сме привремено да го прекинеме сообраќајот на сите меѓуградски возови за да ги заштитиме животите на патниците и екипажот на возовите“, пишува на веб-страницата „Србијавоза“.
„Србијавоз“ во своето соопштение наведува дека интензивно соработува со Министерството за внатрешни работи „за разрешување на ситуацијата“.