Претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Загреб ја искоментира изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик. Таа го нарече македонскиот јазик „северно македонски“, и оцени дека „некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, пренесува Слободен Печат.
– Искрено жалам поради длабоко погрешните изјави кои ги поткопаа сите напори и одличниот и балансиран предлог со кој претходно излезе португалскиот министер за надворешни работи Да Силва. Од историчари кои се занимаваат со политика, полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Добрата вест е што португалското претседателство заврши, се надевам дека словенечкото претседателство ќе продолжи долж истата патека со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни, инаку не може да се дојде до договор, изјави Пендаровски.
На истото прашање, Милановиќ одговори дека е неморално да се оспорува нечиј јазик и идентитет.
– Во врска со внатрешни прашања на земјите, можам да одговорам и со поставување на аналогија на проблемот во кој се најде Македонија. Што ќе се случи ако Хрватска го доведе во прашање црногорскиот или бошњачкиот јазик, кои се блиски јазици и на кои се разбираме, а како посебни јазици ги прифативме пред некоја деценија. Па се разбира, не може да се одрекне правото на еден народ на свој јазик. Неморално е да оспорувате нечиј јазик, нечиј идентитет. Јазикот е идентитетот на еден народ. Погрешно е да се влегува во идентитетски прашања за еден народ, држава. Европската Унија е заедница на народи, на посебни идентитети. Таа изјава на португалската министерка би можел да кажам дека е резултат на незнаење и невнимателност, но мора да се биде внимателен. Тоа пак, прашање, е неважно за Португалија. Еве, јас не би коментирал прашања кои се поврзани со некои односи на Шпанија кон Португалија. Или за прашања меѓу Бугарија и Романија. Македонците се нација, па не станавте нација сега. Што побрзо ги сфатиме тие работи, ќе бидеме поблиску до европските вредности, изјави Милановиќ.












