Милиони Украинци трпат ниски температури и темнина по бран руски напади врз енергетски постројки, кои предизвикаа широко распространети прекини на електричната енергија низ целата земја, се наведува во статија на Си-Ен-Ен.
Украинските власти предупредија дека големиот обем на штетата значи дека ќе биде потребно време за целосно да се обнови снабдувањето. Струјата низ земјата се рационализира — според распоредите објавени од енергетските компании, жителите на главниот град Киев ќе останат без електрична енергија по 10–12 часа во недела.
Министерката за енергетика на Украина, Свитлана Гринчук, изјави дека саботниот напад бил „еден од најголемите директни балистички напади врз енергетски постројки“ од почетокот на војната.
Таа додаде дека итни исклучувања биле воведени во речиси сите региони за да се стабилизира мрежата. „Потоа преминавме на часовни исклучувања, за потрошувачите полесно да можат да ги планираат своите активности околу прекините,“ рече Гринчук, објави Си-Ен-Ен.
Нападот за време на викендот дојде токму кога температурите во Украина почнаа да паѓаат на едноцифрени степени Целзиусови. Русија ја таргетира енергетската инфраструктура на Украина во повеќе наврати откако ја започна целосната инвазија во 2022 година, обично ги интензивира нападите околу ова време од годината.
Овие чести прекини ги принудија Украинците да се приспособат – дизел-генераторите станаа вообичаена глетка низ целата земја, а луѓето се навикнаа да ги распоредуваат своите животи според планираните исклучувања.
Многу семејства сега го планираат времето за готвење и домашни задачи според распоредите за струја, а постарите лица не излегуваат од своите домови од страв да не останат заглавени без пристап до лифт.
Русија напаѓа кога луѓето спијат
Девет украински региони беа нападнати во ноќта кон сабота, според претседателот Володимир Зеленски. Според украинските локални власти, најмалку 15 цивили беа убиени од руските напади за време на викендот. Украинскиот претседател изјави дека Киев работи со САД на купување дополнителни системи за противвоздушна одбрана Patriot, кои се покажале способни да пресретнуваат руски ракети.
Украина побара поголема помош од сојузниците за да ги надополни своите средства за ПВО, како и ракети со подолг дострел за напади врз руските енергетски и воени објекти. Нејзиното барање за американски ракети Tomahawk беше одбиено од претседателот Доналд Трамп минатиот месец.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека ударите биле одговор на украински напади и дека биле употребени балистички ракети „Кинжал“ и друго оружје, во напади против „претпријатија на украинскиот воено-индустриски комплекс и гасни и енергетски објекти на Украина што ги поддржувале нивните операции.“
Д. Т.












