Министерките за труд и социјална работа и за култура Јованка Тренчевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со децата од Центарот за бездомни лица од Чичино Село и од Дневните центри за деца на улица од Кисела Вода и од Шуто Оризари, денеска го посетија Археолошкиот музеј во Скопје,
Директорката на Музејот Славица Бабамова, на сликовит начин адаптиран за детската возраст, најмладите посетители ги запозна со пронајдените археолошки предмети кои беа изложени на поставката „Стибера, 70 години археолошки истражувања“.
Во катчето во музејот предвидено за деца, посетителите поминаа корисно едукативно време во читање, а министерките им подарија сликовници од македонски автори. Истовремено, тие стекнаа нови знаења за македонското археолошко културно наследство преку соодветни тематски сликовници наменети за деца, соопштија од Министерството за култура.
На средбата, министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека е од особена важност да се развијат читачките навики уште од најрана возраст, а тоа ќе придонесе најмладите да ги внесеме во светот на фантазијата, на приказните и да ја побудиме креативноста кај нив.
Таа посочи дека во приоритетите на Министерството за култура е објавувањето литература за деца со цел да го поддржат книгоиздаваштвото и потенцираше дека имаат плејада млади автори кои се посветени на детското литературно творештво. Министерството за култура, како што рече, и во иднина ќе продолжи да ја поддржува нивната авторска работа.
Извор: МИА