Претставници на Министерството за правда ќе се сретнат со експерти со кои ќе се разговара околу условите за учеството на независните кандидати на изборите, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Излегувањето на претстојните локални избори на претставници на граѓанските иницијативи кои веќе се дел од Совети на неколку општини во земјава се проблематизира бидејќи долго време не се дефинираше точната постапката за учество, откако Уставниот суд донесе одлука со која ги укина членовите 61 и 62 на Изборниот законик за собирањето потписи. Во меѓувреме Државната изборна комисија (ДИК) на последната седница го стави вон сила Правилникот за собирање потписи за независни кандидатури, со што практично дозволи секој, без собирање на потписи да излезе на избори.
„Ќе почекаме да го слушнеме мислењето на експертите. Во секој случај ќе постапиме како што наложува законот“, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, двете граѓански независни опции, Зелен хуман град и Независни заедно, продолжуваат да собираат потписи за да оформат политички партии, што за нив, во овој период на неизвесност, е еинстваното решение кое им гарантира учество на изборите. За да се формира политичка партија потребно е да се соберат 1.000 потписи од целата држава, пренесе МЕТА.