Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашната седница на Централниот комитет предложил свикување на вонреден конгрес, на кој би се извршила промена на раководниот состав на партијата, но неговиот предлог бил одбиен. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека самиот предложил вонреден конгрес.
„Јас на сопствено барање поднесов предлог за вонреден конгерс на кој јас нема да се кандидирам. Но откако ја напуштив просторијата, Централниот комитет едногласно го одби ова мое барање и со тоа ми даде полн легитимитет да раководам со партијата“, рече Мицкоски по завршувањето на седницата на Централниот комитет.
Од СДСМ велат дека бегалецот Никола Груевски му скрои на Мицкоски нов Извршен комитет во обид да го зачува на позицијата и да му ја спаси фотелјата во белиот дворец.
„Секоја демократска партија е нормално да одржи Конгрес после избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата предводена од докажаниот губитник Христијан Мицкоски нема капацитет да се реформира. Последен доказ за тоа се таканаречените големи промени во раководството на оваа партија во кое се наоѓаат стари, потрошени кадри, послушници и извршители на Никола Груевски“, велат од СДСМ.
Д. М.