За референдумот кој го иницира ВМРО-ДПМНЕ, останатите опозициски партии се изјаснија дека не ја поддржуваат оваа иницијатива, а против неа беше и опозициската Алијанса за Албанците. Останува ли Христијан Мицкоски заедно со лидерот на Левица, Димитар Апасиев изолирани во оваа идеја. Дали неоформениот референдум е најавениот „план Б“ против европскиот предлог, откако не им успеаја протестите и блокадите во Собрание?
Мицкоски вели дека противници на ваквото референдумско изјаснување на народот се власта и оние инсталации на власта во опозицијата.
„Јас не сум слушнал став на партиите на Албанците во опозицијата, но после тоа што тие го поддржаа, практично оној лист хартија во парламентот имам дилема дали воопшто се во опозиција или се пак резервна варијанта и базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат, за да се идентификуваат себе си како опозиција тие треба во јавноста да излезат со ставови со кои што ќе ја критикуваат власта. Ако тие ги поддржуваат ставовите на власта тогаш јас не гледам како тие можат себе си да се идентификуваат како опозиција, изјави Христијан Мицкоски, на годишното собрание на партијата Демократски сили на Ромите, на Шабан Салиу, на 24 јули 2022.
Од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, му одговорија на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека АА им припаѓа само на Албанците и на народот и одговара само пред народот.
„Алијанса за Албанците од самиот почеток ја покажа својата позиција за интегративниот процес на земјата и за тоа што се нарекува француски предлог. ВМРО-ДПМНЕ меѓу нас нема да најде вазален партнер каков што го имаше некогаш ДУИ, која сега го има истото вазалство кон СДСМ“, велат од АА.
Активистот Ацо Лукаревски на својот фејсбук профил истакна дека изјавата на Мицкоски е многу дилетантска и ‘зелена’…
„Пази сега… Се лути Мицкоски зошто нема поддршка од партиите ‘Алијанса’ и ‘Беса’ за најавениот референдум…
Па каква врска има тој референдум ‘за членство во ЕУ’ со тоа дали некоја партија е во опозиција?
Како може Мицкоски да бара некој да дава поддршка за референдум (за којшто сè уште дури ни прашањето не се знае), само затоа што е опозиција?
Мицкоски несакајќи потврдува дека ставот ‘против Преговарачката рамка’ не е заради ‘заштита на идентитет и јазик’, туку е всушност борба на ‘опозицијата’ против ‘власта’!, потенцира Лукаревски.
Реакциите доаѓаат откако Мицкоски рече дека има дилема дали албанските опозициски партии се навистина опозиција, откако во Собранието го поддржаа европскиот предлог а не го поддржуваат референдумот кој го иницира ВМРО-ДПМНЕ.
Д. М.