Кошаркарските репрезентации на Северна Македонија и Романија играа во Куманово на 2 август, во втората рунда на европските претквалификации за Светското првенство во кошарка 2027 година. За време на натпреварот се пееше: „Нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине“ и се извикуваа паролите „Гасни комори за Шиптари“, „Добар Шиптар, мртов Шиптар“, „Чиста, чиста Македонија“ и други.
На натпреварот беа присутни и посведочија на оваа манифестација на екстремен говор на омраза врз етничка основа и повици за геноцид, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски и други функционери.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, како граѓанска организација за човекови права и слободи и Редакцијата при медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА, им ги постави следниве прашања:
- Зошто не реагиравте за време на натпреварот?
- Што презедовте, а што планирате да преземете во претстојниот период во врска со екстремниот говор на омраза врз етничка основа и повиците за геноцид, како на спортските трибини, така и во поширок општествен контекст?
До миниистерот за внатрешни работи, Тошковски, испративме и дополнително прашање:
- Зошто веднаш не побаравте полициска интервенција за да се спречи етничката омраза и повиците за геноцид?
До објавување на текстот не добивме одговор од ниту еден.
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски во изјава за медиумите, по неколку дена го осуди инцидентот и истакна дека „не ги ни слушнал таквите скандирања“ додека бил на натпреварот. Од Општина Куманово, истакнаа дека за жал ден подоцна воочиле дека на натпреварот во еден момент од одредени поединци во публиката има скандирање на неприфатливи пароли со кои се подгрева етничка нетрпеливост во општина која се темели на мултиетнички вредности.
ЦМДТ