Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта остварија работна средба со премиерот на Унгарија и претседател на партијата Фидес Виктор Орбан, како и работен појадок со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
На средбата Мицкоски се осврнал и на блокираните европски интеграции од Бугарија.
Мицкоски побарал поддршка од Унгарија за одблокирање на патот кон ЕУ и воедно севкупна поддршка за земјава на патот кон европските интеграции.
„Премногу долго државата е заробена во недостаток на реформи, калкулирања и тапкање во место што резултира со оправдана нервоза, но и своевидна фрустрација во исполнувањето на стратешката агенда. Точно е дека македонската влада има огромeн застој во исполнувањето на реформите, неисполнети ветувања, и не до крај посветен пристап кон интеграциите, исто како што е точно дека државата и сите нејзини граѓани не смеат да бидат заглавени поради таквата неспособност на домашната влада, но и недоволната спремност на сите земји членки на Унијата да подадат искрено рака на земјите апсиранти кон ЕУ“, изјавил Мицкоски.