Власта сака Законот за јавно обвинителство да ги опфати нелегално снимените разговори од 2008 до 2015 година, а ние велиме да важи без рок. Можеби ние имаме материјали од сега, нелегално снимени, кои можат да бидат индиции за сторен криминал. Зошто да го ограничиме новиот обвинител, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијана Мицкоски на прес-конференцијата за последната, безуспешна, лидерска средба за иднината на СЈО и неговите случаи.
– Вака реагираше Заев вчера на преговорите: А па вие ќе нѐ потрупате со обвининеја ако ова го прифатиме. Човек што е чесен нема таква изјава да даде. Можеби ние имаме материјали од сега, нелегално снимени, кои можат да бидат индиции за сторен криминал. Тие сакаат со Законот да се опфатат материјали од 2008 до 2018, а ние велиме да важи без рок, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ наведе дека нема да го тужи Заев за денешното тврдење дека „Рекет“ може да води до лидерот на опозицијата, но се закани со исказите за случајот „Рекет“, кои му ги доставил свиркач на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тука моето име го нема, но има имиња од луѓе од власта. Внимателно ќе набљудуваме и нема да правиме воајерски шоуа со презентирање документи додека постои минимална објективност во водењето на овие случаи. Но, во оној момент кога ќе видиме дека некој сака да го заштити нивниот интерес, ќе ги објавиме сите овие документи на увид на јавноста – предупреди Мицкоски.
Причината што синоќешните преговори не успеаја е дека главната борба е да се заштити Зоран Заев и луѓето од власта од одговорност за криминалите, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
– До доцна во ноќта имавме слика од ученик, потопен во криминал и блед како крпа. Заев сака да може тој да контролира, да заташкува случаи. Тој водеше битка за бегање од одговорност на својата фамилија и соработници. Да не се стигне нити до Кирацовски, нити до Ременски. Затоа Заев сака озаконување на криминалот во сопствените редови. Таа контрола му треба за да не одговара за „Рекет“, а богами и за „Рекет 2“, „Рекет 3“, „Рекет 4“ и сите останати случаи. Предметите од СЈО да ги пренесат во Јавно обвинителство. Вака Заев си купи уште некој месец мир, но одговорност ќе има, рече Мицкоски.
Тој тврди дека најголемата опозициска партија инсистирала на почитување на законите.
– А законот за СЈО е јасен, по престанокот на мандатот на специјалната јавна обвинителка, престанува и мандатот на замениците и тие се враќаат во нивните матични обвинителства. Понатаму, Јовески, откако ќе ги преземе предметите, може да ги додели кај истите обвинители. Не постои месна надлежност за предметите кај обвинителите, тврди Мицкоски.
Тој рече дека договор за Законот за јавно обвинителство е можен во секој момент „доколку постои воља од Заев да не го штити криминалот“
– Дали ќе маме до 15-ти не знам, не зависи од нас. Или ќе имаме договор заснован на право, или ќе немаме договор, вели Мицкоски.
И.К.И.