На вчерашната расправа во грчкиот парламент новиот премиер на Грција, Кирјакос Мицотакис најави дека негативните последици од Преспанскиот договор ќе се ублажуваат со две алатки. Пред пратениците да му изгласаат доверба нему и на неговиот владин кабинет, Мицотакис во обраќањето пред пратениците истакна дека двете клучни работи на кои ќе се фокусира грчката Влада се, процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија да се користи како алатка за притисок и силна поддршка за брендот „Македонија“. Ова е, како што рече Мицотакис, за да се намалат негативните последици од Договорот од Преспа. Од говорницата тој директно му се обрати на неговиот претходник, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас.
„Неопходно е да се бориме за да ги ублажиме негативните последици користејќи го како алатка за притисок процесот на интеграција на Скопје во Европската Унија. Мораме да дадеме и силна поддршка на македонските производи, кои вие ги оставивте на нивната судбина. Потребно е и спроведување голема светска комуникациска кампања за автентичната грчката Македонија. Ова го кажав и ќе го сторам тоа. И ако господине Ципрас не сакате да дадете поддршка, бидејќи сметате дека договорот што го потпишавте е толку важен, сами ќе го сториме тоа“. – изјави Мицотакис.
За време на тридневната расправа за доверба на Владата на Мицотакис, во врска со надворешната политика , свое обраќање имаше и лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер, Алексис Ципрас, кој директно му се обрати на Мицотакис, потенцирајќи дека му е драго што како премиер одлучил да ја задржи националната линија за еден национално корисен договор.
„Господине Мицотакис, една и пол година, Вие и вашите членови бевте протагонисти во протестите за македонското прашање. Ги прифативте радикалните кои беа на протестите и многу пати го даваа ритамот на овие протести. Многу од вашите членови не нарекуваа предавници. Некои од пратениците на СИРИЗА најдоа насилници пред нивните домови. Дали сега е добар Договорот од Преспа.“ – изјави лидерот на СИРИЗА и поранешниот премиер на грчката влада, Ципрас.