Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан денеска изрази загриженост поради руската инвазија врз Украина, нагласувајќи дека овој суд може да истражи евентуални воени злосторства во земјата, пренесува МИА.
– Внимателно и со голема загриженост ги следев неодамнешните случувања во и околу Украина. Ги потсетувам сите страни кои водат воени дејствија на територијата на Украина дека мојата канцеларија може да ја искористи својата јурисдикција и да истражи каков било акт на геноцид, злосторство против човештвото или воено злосторство извршено во Украина, истакна Кан.
По руската анексија на Крим во март 2014 година и последователните борби во источна Украина меѓу проруските бунтовници и украинските владини сили, Украина ја прифати јурисдикцијата на МКС за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени на нејзина територија од февруари 2014 година.