Креативната работилница „Обединети против насилството“ што се одржа во Гази Баба им пружи можност на младите од основните и средни училишта на креативен, забавен и едукативен начин да проговорат за формите и начините во справувањето со насилството преку пријателство, заедничко творење, разбирање и комуникација.
Во заедничка соработка со општината, полицијата, основните и средни училишта и Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам, ЦИВИЛ ги охрабри младите да творат за мир, човекови права и слободи, пријалтество односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, во своето обраќање изрази благодарност до ЦИВИЛ за можноста општината да биде дел од овој проект кој на креативен начин може заеднички да се надградува со цел безбедна средина за сите.
„Општина Гази Баба е сериозно посветена во работата за јакнење, превенција и навремено спречување на било каков вид на насилство или екстремизам. Во таа насока е формиран локалниот совет за превенција кој редовно ја следи состојбата во општината, но и презема соодветни мерки за зачувување и јакнење на безбедноста и соживотот… Работиме и во делот на образованието да ги зближиме младите пред сè да другаруваат и соработуваат преку проектите како што е овој на ЦИВИЛ… Нашата соработка со ЦИВИЛ има за цел преку ваквите работилници пред сè да другаруваме, да ја јакнеме меѓусебната доверба и сите сме со иста порака, како луѓе живееме во иста земја, еднакво не боли повредата на нашите слободи и права и секое нарушување на мирот и безбедноста е наш заеднички проблем“, изјави Георгиевски.
Борче Петревски, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот при Владата на РСМ, фокусот на своето обраќање го насочи кон младите и улогата на родителите во раното разбирање и развивање на почит, разбирање, добрите практики на решавање конфликти. Петревски смета дека младите, како потенцијално ранлива категорија, се предизвик да се допре до нив и нивните размислувања.
„Ја поздравувам ваквата иницијатива за заедничка заложба на ЦИВИЛ, раководствата на средните и основните училишта во Општина Гази Баба, локалната самоуправа и полицијата во процесите во подигање на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам и процесите на радикализација. Сакам да ја надополнам оваа листа на чинители со важната и исклучителна улога на родителите во една поширока смисла на зборот бидејќи токму семејството е основната средина каде една млада индивидуа ги стекнува првите сознанија за тоа што значи почит, разбирање, решавање на разликите преку мирен разговор… “, изјави Петревски.
„Оваа креативна работилница на учениците од основните и средните училишта им пружа можност секој на свој начин според сопствените познавања за насилството и начините за справување со истото, ќе се обидат преку ликовни творби да проговорат што е за нив насилството и каков треба да биде односот кон него“, изјави Синиша Станковиќ за медиумите пред почетокот на креативната работилница.
На работилницата учествуваа повеќе од 20 ученички и ученици, а ја водеа членовите на работната група за превенција од насилен екстремизам од Гази Баба, професорите и наставниците на учесничките и учесниците, заедно со тимот на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.
Биљана Јордановска