Министерството за надворешни работи го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани, за што бугарскиот амбасадот во земјава Ангел Ангелов упатил остра вербална нота.
Од министерството велат дека вековна традиција не смее да биде згрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, а особено нашите соседи.
„Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на карневалот во Вевчани, чин кој не само го нарушува реномето на Карневалот, туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија“, велат од министерството.
Информацијата за остра вербална нота на својот Фејсбук профил ја сподели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
„По повод информациите за запалено бугарско знаме во селото Вевчани во Република Северна Македонија му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје да го искаже пред Владата на Република Северна Македонија, нашето силно несогласување со овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ“, напиша Захариева.












