Министерството за надворешни работи ќе упати вербална нота до бугарското МНР по изјавата на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, лидер на партијата Преродба дека отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е обид за провокација и дека „Македонија е бугарска“.
Костадинов изјави дека ова нема да биде единствената ваква провокација, и дека договор меѓу Северна Македонија и ЕК за заедничко обезбедување со „Фронтекс“ е потпишан на, како што вели „таканаречен“ македонски јазик, којшто може да стане официјален во ЕУ.
Според него, ќе настрадаат сите бугарски организации во Северна Македонија, и понатаму најави дека книгата за Никола Вапцаров ќе биде претставена во Европскиот парламентот каде тој се дефинира како Бугарин.
„Ќе зборуваме за бугарската историја – во Брисел и Стразбур, за да биде јасно едно: Македонија е бугарска“, рече Костадинов од говорницата на бугарското собрание.
Македонското МНР очекува надлежните инситуции и политички претставници во Бугарија да го осудат овој говор на омраза кој неспорно содржи и територијални претензии.
„Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорт за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит, туку и пораки кои не се во духот на европските вредности и заедничкото евроатланство сојузништво“, се вели во соопштението испратено од македонското МНР.