Промени во проектот „Мој термин“ и награди наместо казни за докторите, најави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, на одбележувањето на 25-годишнината на Лекарската комора на Македонија.
„Јас сум за промени во ‘Мој термин’, а веќе утре, ќе имам состанок со претставниците на проектот. Учинокот ќе остане, а нема да има негативен учинок. Платата ќе си биде 100 проценти, а ќе има и наградени доктори, односно, тие што ќе бидат најуспешни“, најави Таравари.
Според него, наградите за докторите, треба да се обезбедат од парите за вторите директори на клиниките за кои, како што рече Таравари, тие места треба да се укинат и средствата да се пренаменат за неколку успешни лекари во болниците.
Министерот најави состанок на тим за креирање на стратегијата на лекарите, која ќе биде Национална стратегија за здравство 2017-2020, односно, според него, „уставот на лекарите“.
Лекарската комора на Македонија денеска ја одбележа 25-годишнината од основањето, со средба со претставници на државните институции, универзитетите, медицинските факултети, професионалните лекарски асоцијации и здруженија.
Македонската Лекарска комора е формирана на 5 јуни 1992 година. Иницијативата за формирањето на Комората во Македонското лекарско друштво ја покренале неколку доктори врз основа на сознанијата за развиените земји во светот.