Во Црна Гора утре ќе се одржи вториот круг од гласањето за претседател на државата, кој се избира за мандат од пет години. Граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати кои освоија најмногу гласови во првиот круг од гласањето – актуелниот шеф на државата Мило Ѓукановиќ и младиот политичар од движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ.
Ѓукановиќ во првиот круг што се одржа на 19 март освои 35,37 отсто од гласовите, додека Милатовиќ 28,92 отсто од гласовите.
Вториот круг од претседателските избори се одржува по неколку политички бурни години.
Од август 2020 година, ДПС нема суштинска контрола во црногорската влада, но и партиите кои славеа победа на последните парламентарни избори, во меѓувреме поминаа повеќе време во конфликти отколку во политичка стабилност.
Избирачките места утре ќе бидат отворени од 7 до 20 часот.
Годинешните претседателски избори се четврти од обновувањето на независноста и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.
Какви и да бидат утрешните резултати, гласачите во Црна Гора наскоро повторно ќе излезат на гласање на вонредните парламентарни избори кои се закажани за 11 јуни.
Досега претседатели на Црна Гора биле Момир Булатовиќ, Филип Вујановиќ и Мило Ѓукановиќ.
Г. Т.