Бугарија пред неколку дена ги распиша петтите избори во рок од две години, откако пропадна и третиот (последен) обид за формирање влада. Наши анонимни извори (за редакцијата ОЗБИЛНО) кои добро ја познаваат бугарската внатрешна, но, и надворешна политика велат дека бугарските политичари се во мртва трка кој да го присвои охриѓанецот Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб од Охрид кој неодамна беше претепан во Охрид, а потоа лекуван во Софија.
„Партијата ВМРО-БНД, на Ангел Џамбаски е една од најсериозните кандидати да го присвојат Пендиков од Охрид, Северна Македонија, и да го стават да им биде носител на листа на следните парламентарни избори. Но, вакви амбиции за следните избори имаат и партиите „Има таков народ“ на Слави Трифунов, a и ГЕРБ на Бојко Борисов, бидејќи според анкетите за истражување на јавно мислење што се прават во Бугарија на прашањето – за кого би гласале доколку изборите се одржат утре?, зачудувачки и изненадувачки е одговорот на поголемиот дел од бугарските граѓани дека ќе гластаат за таа партија што ќе успее да го земе (купи) Пендиков. Или со наши зборови, кој ќе го добие Пендиков – тој ќе состави влада во Бугарија и ќе биде новиот премиер“, вели нашиот соговорник.
Пендиков излезе од болница и беше примен од претседателот Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова. Тој ќе биде сместен во стан во главниот град на Бугарија кој ќе му го плаќа таа држава, но ќе добива и дневници за да може да живее заедно со мајка му. Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков му понудил и лично обезбедување за да не бил жртва на провокации.
„Покрај пари, платен смештај и лично обезбедување, бугарските власти размислуваат да му дадат и бејбиситерка, масажерка, батлер, готвач, јога инструктер, личен фитнес тренер, џудо мајстор и други поволности, за да биде во одлична форма за да може да трча на следните избори“, вели нашиот добро упатен извор.
Инаку, Пендиков ќе направи драстичен скок во неговата политичка кариера, од шпицен лепач на плакати на ВМРО-ДПМНЕ, во Охрид, ќе стане шпицен кандидат на изборите во Бугарија, но засега не се знае за кого ќе трча…
Аспарух Македонски
Оградување, одбрана и заштита: Ова е козерија. Секоја сличност на овој текст со реалноста е (не)намерна.