Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите изнесени од Александар Николовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 дека наводно е загрозен безбедносниот систем на МВР. Станува збор за класична дезинформација без никаква основа, соопштуваат од МВР.
„МВР има склучено договор за јавна набавка на персонални компјутери со најповолниот понудувач Друштво за производство, трговија и услуги Инфинити енерџи, ИТ Солушнс енд сервицес ДОО Скопје, по спроведената електронска аукција. Договорот е склучен на 18.01.2022 и избраниот понудувач има рок на достава на стоките до 18.04.2022. При евалуација на избраниот понудувач е констатирано дека ги доставил сите барани документи согласно Закон за јавни набавки и истиот немал изречено забрана за учество по никој основ уреден во Законот за јавни набавки“, се наведува во демантот од МВР.
Сите услови и спецификации кои се побарани во јавната набавка се исполнети и не постои никаква можност за злоупотреба, велат од МВР.