Министерството за внатрешни работи ги демантираше денешните објави на „Алфа“ и „Скопјеинфо“, за распишан јавен оглас за вработување на 500 полицајци.
„Во моментов МВР нема распишано оглас за вработување на полицајци воопшто, а последниот јавен оглас за вработување на 500 полициски службеници е распишан во август 2017 година. Имено, и на линкот наведен во текстовите на двата портала, кој треба да води до наведениот оглас, упатува до празна страница, односно во моментов не постои објава на ниту еден оглас“, стои во демантот на МВР.
Од министерството апелираат да не се изнесуваат лажни вести и дезинформации кои ќе доведат до забуна во јавноста.
Од „Алфа“ утрово објавија дека МВР, согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција а во врска со одредбите од Правилникот за начинот на спроведување на селекција и избор на кандидат за полицаец и начинот на работа на комисијата за избор на кандидат за полицаец распишува јавен оглас за вработување на 500 извршители на работно место „Полицаец“.
„Поконкеретно, во однос на огласот за прием на полициски службеници, предвидено е најголемиот дел од нив да бидат распоредени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје 360 извршители; потоа во Сектор за внатрешни работи Битола 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Охрид 30 извршители, во Сектор за внатрешни работи Струмица 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Штип 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Куманово 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Тетово 10 извршители и во Сектор за внатрешни работи Велес 20 извршители“, стои во нивната објава.