Судењето за случајот „Плацови на Водно“, каде што меѓу осомничените се бизнисменот Јордан Камчев, Сашо Мијалков и експремиерот Никола Груевски, почнува на 16 јули.
Првото судско рочиште беше закажано откако Основниот кривичен суд информираше дека во целост е одобрен обвинителниот акт. Судијата Илија Трпков ќе го водат случајот, а од судот информираат дека обвинителството и одбраната се известени за датумот и времето на првото судско рочиште.
Покрај споменатите, обвинети се и Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева.
Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението во мај годинава.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1.3 милион евра (79.972.140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик.
Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.
Од обвинетите, Камчев веќе 3 месеци се наоѓа во притвор за овој предмет, а Мијалков е во притвор за случајот „Трезор“ каде е неправосилно осуден на 8 години затвор. Со поднесувањето на обвинението, Јосифовиќ и Куновска-Камчева добија обврска да се јавуваат еднаш неделно во судот, а на мајката на Камчев ѝ беа одземени и македонскиот и бугарскиот пасош.
Судот тогаш одреди притвор и за Груевски, но со оглед дека тој е во бегство во Унгарија мерката за него би стапила на сила ако некогаш биде достапен за македонските органи. Но поради неговата недостапност, во останатите предмети на експремиерот му се суди во отсуство.