пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Два пати во една недела.
Иста порака.
На прв поглед себична и злобна порака, а на втор, само тажна и полна со толку несреќа и незнаење.
Првата порака: зошто да примаат 6000 денари тие кои не работеле ни ден во својот живот, а човек кој работел 30 години да прима 9000 денари?
Не поставуваат прашање, како може да има луѓе кои можат да преживеат со 6000 или 9000 или 12000 денари кога со тие пари не може да се покрие ни храната, а камоли комуналии, лекови, култура, превоз, нормален живот. Не. Туку, зошто да прима 6000 денари кога не работел ни ден.
Не порачуваат дека секој човек во Северна Македонија заслужува минимум услови за достоинствен живот, туку дека не може некој да јаде од коската која ним им е фрлена да си ја гризат во сласт.
Социјалната држава (посебно ваква со толку малку население) мора да создаде услови секој човек да биде згрижен (да има кров над глава и струја и вода и огрев през зима и облека и храна и доволно средства за бесплатното основно и средно образование). Се друго се заработува и е дел од она што претставува оптимум на примања за живот соодветен на 21 век.
Заслужуваме подобро, а не, сакаме на сите да им биде подеднакво лошо.
Втората порака: зошто да се дозволи промената на полот да биде на сметка на здравственото осигурување, кога има толку болни за чии операции собираме пари по социјалните мрежи.
Не поставуваат прашање како тоа може во социјална држава во која секој има право на здравствена заштита, а децата имаат право на “највисока можна здравствена заштита“, да треба да се собираат пари по социјалните мрежи и луѓе да умираат затоа што нема лекарства или соодветен третман. Не, туку, зошто некој да добие третман за она што му е потребно.
Станува збор за здравствени осигуреници кои издвојуваат средства во заедничкото купче од кое секој треба да добие според потребите. И, ним им треба промена на полот. Затоа што непромената значи живот со понижувања и исмевање и тешкотии да се најде работа и насилство и депресија и … И државата треба да обезбеди таков вид на интервенција која ќе овозможи достоинствен живот на луѓето на кои им е потребна.
Погрешни прашања. Погрешни пораки.
Не за мебел на канцелариите на високите функционери и за непотребни министерства, и секретарки и шофери и телохранители. Не за луксузни теревенки, не за нови автомобили, не за огромен број непотребни градоначалници и советници, не за патните трошоци на пратениците и нивните лажни дневници, не за управните и надзорни одбори, не за превработената администрација. Не! Само едно е важно: на комшијата да му умре козата!
Заслужуваме подобро. Заслужуваме парите кои се собираат од граѓаните да се трошат за граѓаните. За сите нив. За нивните потреби.
фотографија: Маја Ивановска
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.