Денот, во контекст на уставните промени и залагањето на власта за помирување со опозицијата, го одбележа отпорот на ВМРО – ДПМНЕ и нивното барање за амнестија на обвинетите за настаните од 27 април 2017 година.
Во меѓувреме се формира и комисија за помирување од Собранието на иницијатива од осумтемина пратеници од опозицијата кои минатиот петок дадоа поддршка и го изгласаа отпочнувањето на процесот за уставни измени.
Од досегашните информации комисијата за помирување најверојатно ќе ја води претседателот на Собранието Талат Џафери, но сè уште се чека на ставот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова беше еден од заклучоците на вчерашната средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Џафери, прва по гласањето за уставни измени во петокот.
Пратениците од движењето „Беса“ денеска поднесоа барање до Владата со четири предлози за нацрт амандманите за уставните промени. Тие предложија промени во делот преамбулата, тие бараат да се врати предлогот кој беше усвоен од потписниците на Рамковен договор од 2001 година, каде Македонија е дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани. Исто така бараат да се преформулира Амандман V, точка 1, параграф 1, од Уставот на Република Македонија на следниот начин: На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, како и албанскиот јазик и неговото латинско писмо. Пратениците бараат да се допрецизира и Член 49 од Уставот на Република Македонија во насока дека Република Македонија води грижа за своите граѓани кои живеат надвор од територијата на Република Македонија, еднакво за сите етнички заедници. Исто така, побараа и преформулирање на Член 75, параграф 3 и 4 на таков начин што на Претседателот на државата да не му се овозможува да ги блокира законите кои се усвоени по второ гласање во Собранието на РМ, односно да стекнува уставни надлежности кои не му припаѓаат.
Во неколку медиуми осамнаа наслови дека поглаварот Сулејман Реџепи во име на Исламската верска заедница на Македонија го поддржува кралот на Саудиска Арабија во случајот со убиениот саудиски новинар Џемаил Кашоги во конзулатот на оваа земја во Турција. Од ИВЗ за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека пред неколку дена испратиле писмо за поддршка на Саудиска Арабија во кое исклучиво ја поддржуваат грижата и заштитата на Мека и Медина, светите исламски места, кои се Кибла (страната на светот на која се наоѓа Каба во Мека и кон која се вртат муслиманите при клањањето во молитвата) за сите муслимански верници. Но таа поддршка, велат од ИВЗ нема никаква врска со со новинарот Кашоги и со развојот на настаните што следат, затоа што нашата институција е религиозна и не се занимава со прашања од други сфери.
ЦИВИЛ – Центар за слобода најави конференција #АкцијаИнтеграција посветена на европските вредности, зелените алтернативи и антинационализмот на 30 октомври (вторник), во хотел Опера Хаус (зад Универзитетска библиотека, на Адвокатска улица) во Скопје, со почеток во 14 часот. На конференцијата ќе бидат презентирани резултатите од проектот Акција – Интеграција што ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. На настанот се поканети релевантни претставници на централните и локалните власти, граѓанските организации, зелените иницијативи, политичките партии, медиумите, активистите и заинтересираните граѓанки и граѓани.
Б. Јордановска