Како што објави државната МИА, Собранието експресно ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 102 гласа „за“ без воздржани и против. За оваа одлука гласаа „за“ и 27 припадници од заедниците кои не се мнозинство. Јанева е во притвор како третоосомничена за случајот „Рекет“, а нејзиниот мандат како специјална обвинителка истекува утре, 15 септември.
Парламентарните партии беа единствени во ставот за разрешувањето на Јанева, но на денешната седница пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ ги повторија своите различни позиции и гледишта за тоа какво треба да биде јавното обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано СЈО. Тие меѓусебно се обвинуваа за правен хаос, штитење на криминалот, злоупотреби на правосудниот систем, пропаѓање на случаите на СЈО и нивно запирање.
Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски, образложувајќи ја предлог-одлуката, кажа дека се предлага Јанева да биде разрешена за незаконско, нестручно и несовесно работење. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде што доаѓа, кажа тој, ќе гласа за оваа задоцнета одлука, предупредувајќи дека секогаш кога државата носи неуставни одлуки, кога Собранието гласа неуставни закони како оваа за формирање на СЈО, за што гласал и тој самиот, се случува правен хаос и штетите се санираат на многу потежок начин. Во својот говор Димовски, меѓу другото, кажа и дека пратеници од неговата партија биле уценувани од СЈО за одлучување во Собранието. Јанева, додаде тој, дури и од притвор ја злоупотребува својата позиција.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на забелешките на опозицијата за тоа што не закажал седница за разрешување на Јанева порано, рече дека тој работи според Деловникот и Уставот и оти има предлог-одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и оти таа денеска е ставена на дневен ред.
Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ повтори дека правда мора да има за секој што се огрешил. Ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ за политички манипулации и обид за спречување на случаите на СЈО. Ставот на СДСМ е повеќе од јасен, рече тој, потсетувајќи дека на Комисијата тие гласале за разрешување на Јанева и оти тоа ќе го сторат и денеска.
-Но, исто така сме одлучни и истрајни, правда мора да има за секој што се огрешил, рече Митрески.
Според него, сега се гледа зошто средбите меѓу лидерите на СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ не биле успешни – Заев бил за продолжување на случаите на СЈО, додека Мицкоски прави се тие да пропаднат. Тој исто така обвини дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се уште работат по налог на Никола Груевски со цел да се амнестираат обвинетите поранешни функционери од партијата.
Митрески кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ги кочат евроинтеграциите процеси на државата. – Со нивното поведение свесно работат на штета на европските интеграции на државата. Од статусот на СЈО зависи дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, рече Митрески.
Веднаш по завршувањето на собраниската седница, Талат Џафери го достави предлогот за разрешување до Советот на јавни обвинители. Советот на јавни обвинители се очекува вечерва или најдоцна утре да се состане и да го констатира разрешувањето на Јанева.