Многу граѓани во општина Босилово немаат информација, за што е референдумското гласање денеска. Едни се жалат, а други потврдуваат дека во овој регион живее популација во подоцнежна старост, која што не покажува доволно интерес и немаат изграден став околу прашањето, да се гради или не, рудник за бакар и злато во Иловица.
На денешното референдумско гласање, според одредени наводи, му претходни динамична политичка активност, зад којашто стои една партија, со цел да се бојкотира референдумскиот процес. Според други наводи, дури постоело сценарио на поткуп на гласачи, со иста цел.
„Собирани се трансакциски сметки од одредени лица, а ако не гласаат, по избори, им е ветувано дека им бидат исплатени одредени суми, на име трговски трансакции“, јавуваат извори на ЦИВИЛ.
На терен, референдумското гласање се одвива во мирна атмосфера, но со слаба излезност која што се движи меѓу 7 и 12 отсто, според информациите на теренот до 15 часот.
Двете екипи на ЦИВИЛ што го следат текот на референдумот, што се одвива на 19 гласачки места во 15 населени места во општината, евидентираа повеќе помали нерегуларности. Меѓу другото, се нотираат случаи на гласачи кои ги нема во Избирачкиот список, не работат УВ ламбите, но гласањето продолжува, еден случај на семејно гласање итн.
Иницијативата Здрава котлина излезе со сериозни обвиненија за притисоци против успехот на овој референдум.
„Гласачките места се отворени навреме, гласачкиот материјал кореспондира со бројот 12.301 граѓани со право на глас, запишани во единствениот избирачки список“, изјави Кирил Јаков, претседател на Општинската изборна комисија во општина Босилово.
За да биде успешен реферндумот денеска во општина Босилово, треба да гласаат 6.151 граѓанин или 50 отсто од вкупно запишаните избирач(к)и со право на глас.
Моника Талеска