„Лично мислам дека е многу погрешно формирањето на техничка влада. Прво, погрешно е што воопшто во некој закон, макар и во Законот за влада, што влезе создавањето на посебна техничка влада пред избори. Заради тоа што тоа лошо зборува за државата. Тоа лошо зборува за институциите на државата. Тоа значи дека државата нема демократски капацитет со институциите коишто веќе постојат, со заштитните механизми коишто би требало да бидат изградени и за коишто тврдиме дека се на такво ниво за да можеме да бараме отворање на процесот за влез во Европската Унија“, вели професорката Мирјана Најчевска.
„Значи, не може да се бара постоење на некоја посебна структура којашто би требало да ги заштити граѓаните од нефер и недемократски избори. Се претпоставува дека доколку соодветно функционираат институциите, доколку функционираат заштитните механизми и слично, дека граѓаните можат да сметаат на тоа дека ќе има фер и демократски избори. Дека можат и знаат да побараат соодветна заштита и дека таа заштита ќе ја добијат на институционално ниво“, смета таа.
„Сметам дека ова е некаков заостаток којшто очигледно им одговара на политичките партии бидејќи им овозможува да влезат во предизборни активности и во некаков политички маркетинг многу пред навистина да бидат распишани изборите и пред да им се даде таа можност и официјално според Изборниот законик“, заклучува Најчевска.
Маја Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владо Перчуклиевски