„Врховен суд не може да ја преземе улогата на законодавниот дом, односно на Собранието. Со оваа одлука, Врховен суд се лиши од слободата да може да одлучува за индивидуални случаи што ќе стигнат до нив!“ – изјави проф. Мирјана Најчевска за ЦИВИЛ Медиа. Оваа изјава доаѓа откако вчера претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, на гостувањето на ТВ Телма, потврди дека, доколку Кривичниот суд донесе пресуда за некој предмет од СЈО отворен после рокот од 18-те месеци и осудениот се жали до Апелација, а потоа жалбата стигне и до Врховен суд, тогаш Врховниот суд ќе ја укине пресудата.
„Застрашувачки е тоа што обвинителот Вангеловски со оваа изјава им се заканува на судиите дека сите одлуки на СЈО ќе паднат на Врховен“ – додава Најчевска. Според Вангеловски нема никаква причина да чекаат автентично толкување од Собранието.
„Ако има барање за носење начелно правно мислење, тогаш Врховниот суд има обврска да го донесе. Доколку некој случај од СЈО стигне до Врховен суд, тогаш Врховен ќе ја укине пресудата, тоа произлегува од начелното правно мислење, кое е задолжително“, рече Вангеловски.
Сепак, Вангеловски вели дека предметите за кои има докази нема да бидат поништени, туку ќе треба да ги преземе Јавното обвинителство.
Д. Муратов