„Масовен прилив на жртви“ од луѓе, многумина со рани од огнено оружје или шрапнели, беше примен во теренската болница на Црвениот крст во јужна Газа, соопшти организацијата, по спорните извештаи за инцидент во близина на центар за дистрибуција на помош во Рафа, јавува Би-Би-Си.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека 21 лице биле „прогласени за мртви по пристигнувањето“, додека жени и деца биле меѓу 179 случаи.
Соопштението на организацијата дојде откако агенцијата за цивилна одбрана, управувана од Хамас, во Газа соопшти дека најмалку 31 лице е убиено, а многу повеќе е рането во инцидентот, за кој го обвини „израелското пукање“ насочено кон цивилите.
Но, Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека наодите од првичната истрага покажале дека нивните сили не пукале кон луѓе додека биле во близина или во центарот за помош.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) исто така објавија снимки од беспилотни летала, за кои велат дека покажуваат вооружени и маскирани мажи како фрлаат камења и пукаат врз цивили додека собираат помош во блискиот град Кан Јунис. Од Би-Би-Си велат дека не можеле веднаш да ги потврдат снимките.
Израел не им дозволува на меѓународните новински организации, вклучително и на Би-Би-Си, да влезат во Газа, што го отежнува проверувањето што се случува на територијата.
Групата што го води центарот за дистрибуција на помош, Хуманитарната фондација Газа (GHF), исто така ги негираше тврдењата за повредени и жртви на нејзиното место и рече дека тие биле раширени од Хамас.
До недела навечер, ситуацијата на терен остана нејасна.
Во своето соопштение, МКЦК изјави дека „теренската болница на Црвениот крст во Рафа примила масовен прилив на жртви од 179 случаи, вклучувајќи жени и деца“ рано наутро во недела.
Се вели дека „повеќето претрпеле рани од огнено оружје или шрапнели“, а „дваесет и еден пациент биле прогласени за мртви по пристигнувањето“. Не е јасно дали бројот на убиени лица пријавен од МКЦК е одделен од извештаите на Министерството за здравство на Хамас.
„Сите пациенти рекоа дека се обидувале да стигнат до место за дистрибуција на помош“, соопшти МКЦК.
Д. Т.