Најмалку четири лица загинаа во нападите на Русија со беспилотни летала и балистички ракети „Калибар“ врз Кијив во текот на ноќта, додека масовни воздушни удари беа пријавени и во други региони на Украина, соопштија украинските власти.
„Потврдено е дека четири лица загинале во главниот град“, објави градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, на „Телеграм“, додавајќи дека потрагата по преживеани под урнатините сè уште трае. Претходно соопшти дека има еден загинат и 20 повредени, од кои 16 се хоспитализирани.
Итните служби информираа дека нападот бил изведен со дронови и балистички ракети, при што биле погодени повеќе делови на градот, а на неколку локации избија пожари.
Граѓанските и воените власти соопштија дека метрото во Кијив не работи, откако една бомба погодила воз меѓу две станици. Националната железничка компанија исто така пријави штети на пругите, што предизвика нарушување на сообраќајот кон јужните делови на градот.
Покрај главниот град, и други региони беа погодени од воздушни напади.
Во западниот град Луцк, близу полската граница, при „масовна ракетна и дронска офанзива“ делумно е уништена станбена зграда, а пет лица се повредени, соопшти шефот на локалната воена администрација, Иван Рудницки.
Во Тернополската област, исто така на западот на земјата, регистрирана е „најмасовната воздушна офанзива од почетокот на војната“, со „повеќе удари“, изјави шефот на тамошната воена администрација, Вјачеслав Негода, пренесе МИА.