пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Најризична група во кризава со корона-вирусот се неинформираните, оглупавените, заслепените, арогантните, површните, лицемерните и лековерните – оној дел од јавноста што го произведе пропагандната машинерија за оглупавување на луѓето на режимот на Груевски.
Тие се оние што не почитуваат препораки но се експерти за корона. Дури и во вакви ситуации, освен што прават се погрешно, прават штета не само по себе и своите најблиски, туку и по околината. Некои седат по кафани и во групи, некои не почитуваат хигиена, други – препораки, трети – шират секакви лаги и глупости…Што не се изнагледавме и изнаслушавме. И тука не зборувам за партиска припадност, туку за свесност, со која е обземен голем дел од нашето општество.
А тие што се извори на овие идиотштини, одредени политички и бизнис структури, се обидуваат да профитираат од неодговорното однесување – кое е само последица, резултат на нивната „макотрпна работа“ за уништување на медиумите, образованието, науката, стручноста во сите области, пристојната дебата, чувството за општественост и одговорност во јавните постапки и комуницирање.
Сега, опасноста од ваквото однесување не е толку апстрактна, туку прилично конкретна. Но, не знам дали разбираат и овие луѓе и оние што постојано работат на тоа да ги држат во темница и да ги злоупотребуваат како топовско месо за политички битки, дека ваквото однесување токму нив ги прави најризична група во ваква ситуација на пандемија. Оние што се однесуваат одговорно и се информирани, се соочуваат со многу помала опасност.
Сега белким разбравме што било тоа за кое предупредуваа и врескаа малкумина, додека многумина молчеа и не се бавеа со политика. Белким, кога ќе помине кризата, нема да ви се врати желбата пак да ги величате и правите славни и моќни лудаците, и да го едначите лудилото со нормалноста. Оти после е глупаво да се жалите кај нормалните од „производите“ и „следбениците“ на лудаците.