„Нас, Ромите нѐ гледаат како црната тренерка што ја носам, нѐ гледаат како црни луѓе. Тоа е класична дискриминација!“, вели за ЦИВИЛ Медиа, битолчанецот Фикри Јашаров, кој не беше пуштен во базенот „Срце Довлеџик“ во Битола. Тој истакна дека обезбедувањето на базенот не го пуштило него и уште неколкумина Роми да влезат во базенот, затоа што добиле таква наредба од сопственикот.
„Јасно ми беше речено дека поради мојата етничка припадност, нема да ме пуштат во базен. Откако го извадив телефонот да ги снимам и пред камера да ми ја кажат причината зошто не нѐ пуштаат да влеземе, тогаш молчеа и ништо не зборуваа. Се почувствував многу лошо и навредено во тој момент“, вели Јашаров.
Тој додава дека поголемиот дел од Ромите не може да си дозволат да одат некаде на одмор, бидејќи немаат доволно пари.
„Ние немаме пари да одиме на одмор во Албанија или во Грција, немаме возила да одиме и до Охрид. Но, можеме да си дозволиме да платиме влез во базен и ние да уживаме, како сите останати“, додава тој.
ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Влатко Трајковски вработен на базенот „Срце Довлеџик“, кој телефонски ни изјави дека вратите на базенот се отворени за сите.
„Ние имаме и Роми во базенот. Не се пуштаат да влезат во базен ако немаат сооветна опрема, или ако не се однесуваат како што треба“, вели Трајковски.
Јашаров вели дека правдата ќе ја бара на суд. Негови правни застапници се претставници од невладините организации „Баирска светлина“ од Битола и Европски центар за правата на Ромите (ЕРРЦ) од Будимпешта.
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Даниела Нисева