Животот на еден самохран родител во државата носи со себе огромни предизвици. Поради игнорантскиот однос од страна на државата, сите политички гарнитури од последната деценија и системски промени за целната група самохрани и еднородителски семејства, утре првпат во државата ќе се организира протестен марш посветен на самохраните мајки, гневни од условите што ги нуди општеството, најавуваат од организацијата „Една може“.
Во разговор за МИА, Дороти Пачкова, основач на „Една може“, организација којашто се бори за правата и подобрување на условите за живот за самохраните мајки, вели дека е потребно државата да им обезбеди директно учество во креирање на родови политики кои ги засегаат нив.
– Бараме соодветни инклузивни дефиниции, бараме државен архив, бараме статусни мерки, бараме можности за интеграција на пазарот на трудот, бараме мерки за баланс на приватниот и професионалниот живот, бараме посебна заштита на правата на нашите деца, бараме специјален дневен центар за самохраност и еднородителство каде ќе се решаваат сите предизвици од различни нивоа, појаснува Пачкова.
„Една може“ со барања до неколку институции во пресрет на утрешниот марш
Од Министерството за труд и социјална политика организацијата бара да се дефинираат термините самохран родител и еднородителско семејство во соодветните закони, како што велат, на соодветен, инклузивен начин. Исто така, да се допрецизираат постојните права и нивно реформулирање со законски и подзаконски акти, како и посебни специфични мерки за различни контексти на еднородителски семејства и на самохрани мајки. Да се помогне на самохраните мајки и за решавање на нивното станбено прашање, преку давање социјални станови или преку станбени кредити без камата и без учество, како и да се создадат механизми за квалитетно вработување.
Во барањата до Министерството за образование, како што наведуваат, како основоположници за еднаквост кон идните генерации, бараат да се зголеми бројот на стручни работници-родови експерти во надлежните државни институции, вбројувајќи ги и образовните институции, со цел поквалитетно спроведување на програмите за работа со жени-самохрани мајки и деца од семејства во социјален ризик. Воедно, да се обезбедат стипендии за децата од еднородителски семејства за формално образование, неформално образование, курсеви за странски јазици, спортски активности, обуки, тренинзи, екскурзии и слично. Неопходно е, според „Една може“ и обезбедување државна финансиска поддршка на иницијативите и програмите за работа на граѓанските организации и насочување и едукација на жените кон високотехнолошките струки, како и бесплатни државни згрижувачки и образовни институции за самохраните мајки.
Барањата до Агенцијата за вработување, според нив, како едни од клучните чинители на патот кон економска слобода на жените-самохрани мајки, се сензибилизирање на работното законодавство во однос на потребите и можностите на самохраните родители за усогласување на семејниот и на професионалниот живот, кампањи за дестереотипизација на работните места, мерки за намалување на родовиот јаз во платите, воведување на родово сензитивно буџетирање при подготовка на државниот буџет.
Ова се само дел од барањата, што, како што велат, доколку се исполнат, ќе им овозможат нормално функционирање и еднаквост во општеството на самохраните мајки.