Вкупно 25,28 милијарди денари или 406,55 милиони евра ќе биде буџетот за образованието во 2018 година што е пет отсто повеќе од 2017.
Како што соопшти денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Рената Дескоска, за основно образование се предвидени 45 проценти од буџетот, 26 отсто се за високо образование, 19 проценти за средно, шест отсто се наменети за ученички и студентски стандард, два отсто се предвидени за наука, а 1,8 отсто за администрација.
Догодина ќе бидат значително зголемени средствата за блок-дотации за општините со цел подобрување на условите во училиштата. За оваа намена се проектирани 600 милиони денари повеќе од годинашниот Буџет, што е зголемување за 4,62 отсто, истакна Дескоска.
Министерката најави и зголемување на платите на наставниците во основното и средното образование за пет отсто.
„Буџетот за образование во 2018 година е развоен и со него ќе се инвестира во квалитет и подобри услови за сите“, подвлече Дескоска на прес-конференција во Владата.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.