НАТО ги отфрли руските барања да ги повлече своите сили од Романија и Бугарија, додека дипломатските напори продолжија да се спречи војна во Европа, откако Русија собра десетици илјади војници во близина на границите на Украина.
„НАТО нема да се откаже од нашата способност да се заштитиме и браниме меѓусебно, вклучително и со присуството на војници во источниот дел на алијансата“, наведе портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску во изјава. Москва побара правно обврзувачки гаранции од НАТО дека блокот ќе го запре своето проширување и ќе се врати на своите граници од 1997 година.
Претходно денеска, руското МНР објави дека безбедносните гаранции што Москва ги бара од Западот вклучуваат одредби со кои се бара силите на НАТО да ги напуштат Романија и Бугарија.
„Ние отфрламе каква било идеја за сфери на влијание во Европа. Секогаш ќе одговориме на секое влошување на нашата безбедносна средина, вклучително и преку зајакнување на нашата колективна одбрана“, нагласи портпаролката на НАТО, која порача дека „НАТО е буден и продолжува да ја проценува потребата од зајакнување на источниот дел на нашата Алијанса“.
Официјален Букурешт, пак, денеска го оцени како „неприфатливо“ барањето на Русија за повлекување на странските трупи на НАТО присутни на романска територија во рамките на договорот што Москва го бара за да започне деескалација на украинската криза.
„Таквото барање е неприфатливо и не може да биде дел од предмет на преговори“, соопшти романското МНР.
Руското МНР претходно повика на повлекување на НАТО од двете земји-членки, Бугарија и Романија, велејќи дека е потребно „повлекување на странските сили, опрема и оружје“, како и други мерки за враќање на ситуацијата од пред 1997 година во земјите кои тогаш не беа членки на НАТО. Романските власти ги „отфрлија“ тие изјави и ги оценија како „несоодветни и неосновани“.
Претседателот на бугарското Народно собрание, Никола Минчев, денеска најави дека премиерот Кирил Петков ќе дојде меѓу народните избраници за да биде сослушан од нив на барање на пратеничката група на ГЕРБ-СДС.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, поради руското барање НАТО да се повлече од Бугарија и Романија, ГЕРБ побара во парламентот да бидат сослушани премиерот Кирил Петков, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за одбрана Стефан Јанев./ МИА