Со приближувањето на локалните избори, етничкиот национализам повторно се користи како најевтин, но и најопасен политички инструмент. Во само неколку дена, во Битола, Тетово и Велес се случија серија етнички инциденти – физички напади, навреди и графити со говор на омраза. Заеднички именител: младите – како извршители или жртви, се наведува во анализата „Национализмот повторно на сцена: Младите како „топовско месо“ во предизборната кампања“, од Дехран Муратов.
Навивачките групи како „Чкембари“ и „Војводи“ се претвораат во паравоени формации, додека политичарите нудат само декларативни осуди, без реална акција. Особено загрижува што навредливи скандирања се случуваат и во присуство на премиерот Мицкоски и министерот Тошковски – испраќајќи порака дека омразата е неказнета, па дури и охрабрувана.
- Во Битола, Албанец – државјанин на Шведска – беше нападнат од „Чкембари“ поради маица со албански симболи. Пет малолетници се пријавени за кривично дело од омраза.
- Во Тетово, „Војводи“ претепаа двајца средношколци Албанци. Едниот со скршен нос, другиот соскршени ребра. Полицијата приведе четворица.
- Во Велес, се појавија графити со директни повици на насилство кон Албанците. МВР сѐ уште нема информации за сторителите.
Овие инциденти не се изолирани – туку дел од поширок тренд на тензии поттикнати токму пред избори. Одговорноста лежи кај политичките елити кои одбиваат да се соочат со реалноста дека национализмот им е изборен адут.
Линк до оригиналниот текст:
Национализмот повторно на сцена: Младите како „топовско месо“ во предизборната борба