ВОЈО МАНЕВСКИ
Штом се потроши декември секогаш се наоѓам пред дилемата. Што всушност им посакувам на тие на кои им честитам Нова година? Да им биде среќна? Ако треба да им е среќна мојата честитка сигурно нема да придонесе многу. Решив да си честитам среќна Нова година себеси. Е, овде настапува вистинската дилема. Што тоа јас сакам да ми донесе новата година. Во среќа веќе не верувам ама во нешто мора да се верува. Ако јас не знам да си ја проектирам иднината има кој знае. Затоа се крстам во изборите за било кое ниво во државата. Ако сака нека е избор за урбана заедница ама нека има некакви избори. И тогаш сум некако повеќе мирен. Не само мирен туку и во природна средина на сопствените надежи. Што има јас да мислам за иднината кога тоа така убаво го прикажува било кој кандидат за било која државна функција.
Како ќе се развива економијата? Јас да размислувам уплав ме фаќа од споредување на бројки и процеси за економската основа на иднината. Вака си седнуваш пред телевизоирот и некој „визионер“ ти објаснува како ќе има раст скоро највисок во Европа. Реформите само што не започнале, а кога ќе почнат и ќе се „визионираат“ еее кај ќе ни биде крајот.
Ке се реформира ли државната администрација? Не само што ќе се реформира туку и на секој шалтер со насмевка ќе нѐ пречекуваат службениците кои јадат четвртина од буџетот за плати. Не само што ќе се насмеваат туку и ќе ни сѐ смеат ако споменеме дека пред само една година ни ги затворале со тресок вратите на шалтрите. Сите документи се подготвени, предлог законите се веќе во процедура и кај и да е ќе се донесат. И што има јас да посакувам во новата година да почне срамежливо да функционира иселената правна држава.
Ќе се отвори патот кон Европа? Па сигурно ќе се отвори кога нашето превасходство со длабоко осмислена надворешна политика ќе ги надмине сите препреки. Достоинствено и гордо на бел коњ ќе влеземе во Европа. Додуше сега не смееме да прашуваме кога тоа ќе се случи ама во надежта во нашето раководство е иднината. А во иднината мора да се верува.
Цените и инфлацијата ќе се стават под конрола? Па разбира се дека така ќе биде. Ако не биде има начин да ни се смири вознемиреното граѓанство. Малку интервјуа, па прес конференции, статистички операции и математички гимнастики е оп, ем намалување на инфлацијата ем раст на БДП. Цените со инспекции ќе се смират, а за илјадарка ќе се качат пензиите. Најавено е покачување на плати на наставници и другите административци и ете ти мирна Бачка.
Тоа обвинителите и судиите се намериле да ни ја затемнат перспективата со некакви барања за самостојност и независност па и посебен буџет. Во оваа држабва сите права му припагаат на победникот на изборите и готово. Ај господа од паравосудството и вие излезете јавно на избори покажете ни ги вашите визии за иднината и сите ќе бидеме задоволни. Ем ќе ни додатете уште едни избори, ем ќе ни ја разубавите следната Нова година со ваши ветувања.
Доста беше со елаборација за причини зошто не ги сакам годините во кои нема избори барем за нешто. Се плашам дека цела идна година нема да има кампања или барем најава за некакви избори. Долга е годината и навистина се поставува дилемата како ќе ја поминеме. Без избори и убави ветувања ќе се изгубиме во реалноста. Ќе не удри по глава таа и уште повеќе ќе се депримираме. А кој сака депримирано грѓанство и подаништво. Нема корист од таквите состојби. Затоа се мислам дали да ви честитам Нова година. Ако нема избори сами честитајте си ја ама сè се надевам дека ќе се смилуваат нашите политичари и нема да нè остават на суво. Ако ништо друго да имаме што сега да си посакаме, а дали ќе се реализира ветувањето не е важно. УУУ толку ветувања слушнавме. А штета е што пропаднаа, беа тоа добри ветувања. Значи и срамежливо морам да ви честитам Нова година мои сограѓани.












