И денеска во фокусот на настаните е бегството на екс-премиерот Никола Груевски.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски повторно потенцираше дека неодредувањето на мерка притвор од судот му овозможило на Никола Груевски да ја напушти државата.
„Ние како држави немаме потпишано билатерален договор за екстрадиција меѓу Унгарија и Македонија, меѓутоа на сила е Европската конвенција за екстрадиција и врз основа на членот 16 од таа конвенција, ние и до сега со сите држави кои ја имаат потпишано оваа конвенција можеме да вршиме екстрадиција на лица. Нема никакви пречки да биде направена екстрадицијата. Министерството за правда ќе си покрене постапка за екстрадиција до унгарските власти. Сметам дека е исправно да се одбие барањето за азил и Груевски да биде екстрадиран во Македонија да ја издржува казната“, рече Спасовски.
Премиерот Зоран Заев очекува Унгарија да постапи по веќе распишана меѓународна потерница со која се бара екстрадиција на Груевски. Истовремено, тој ги оправда институциите сметајќи дека од нивна страна нема никаков пропуст.
„Единствено ако граничните служби го пропуштиле на официјалните гранични премини и граничната полиција направила одредени пропусти. Веднаш дадовме налог да се истражи целата постапка“, изјави Заев.
На новинарско прашање кој ќе ја сноси одговорноста за бегството на Груевски, Заев одговори дека Владата не може да биде за сè одговорна и дека таа постапува согласно законот.
„Правосудството не е во делот на надлежноста на Заев како премиер. Тоа е независно и ги носи своите одлуки растеретено од какво било влијание. Јас само ќе кажам уште еднаш каков кукавица е, којшто цело време велеше дека тој за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи. Тој само да излезат сите други е спремен да ја прифати одговорноста и слично. Дојде моментот на прифаќање на одговорноста, избега надвор од државата обидувајќи се претходно да добие нови аболиции. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа што е осуден“, рече Заев.
Реакции пристигнаа и од дел од албанските политички партии.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села побара премиерот Заев да поднесе оставка и веднаш да се формира експерстка влада, по бегството на експремиерот Никола Груевски. Села побара одговорност и од сите засегнати институции, а од Основното јавно обвинителство побара да отвори постапка за сите за кои имаат сознаниј дека го организирале и му помогнале на Груевски да избега од државата.
Села побара и предвремени парламентарни избори кои би се органзизрале заедно со претседателските.
Слични барања испорачаа и од Беса на Касами , од каде рекоа дека органите на прогонот потфрлиле и дозволиле Груевски да побегне и дека треба да сносат одговорност што денеска аместо во затворот во Шутка, Груевски е во Будимпешта.
Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски добија 30 дневен притвор, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Јанакиески и Божиновски рано утринава се приведени и однесени во затворот во Шутка. Нивното приведување следува по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија каде побара политички азил.
М. И.